old.avtoplus.mk

Снимен прототипот на следното Audi A7

Пред неколку дена беше официјално претставена новата генерација на Audi A8 во Барселона, а ако се суди по она што папараците го „уловија“ на тестирањата очигледно следниот нов модел од гамата на „четирите прстени“ од Инголштат, ќе биде A7.

Со лансирањето на  овој модел производителот освои многу обожаватели. Тоа е и причината да го продолжи својот век, но за да се задржи страста ќе треба да ги задоволи очекувањата на фановите, но не само на нив..., во врска со дизајнот, технологијата, вредностите... Овие фотографии откриваат една од спортските варијанти на моделот - S7, која лесно се познава по двете двојни цевки на издувниот систем, а и формите на возилото се забележуваат дека имаат одредени модификации, бидејки маскирниот слој не вклучува и влошки. Предниот браник има поголеми всмукувачи за воздух и поинаква е поставеноста на решетката. Дизајнот, очигледно е во склад со оној што го наметнува новиот А8, кој не е тајна е под влијание на прототипот Prologue, а како главен детал што потсетува за него се фаровите.

Најинтересно од се ќе биде по се изгледа во агрегатската понуда?! Според извори блиски на компанијата, нема да има 4.0-литарски V8 битурбо, туку се развива сосема нешто ново, согласно даунсајзинг технологијата, а други пак тврдат дека од Porsche ќе биде преземен 2.9-литарски V6 битурбо кој е сместен во Panamera 4S. Моќноста се очекува да биде во рамките на околу 450 коњски сили. Другиот интересен погон, кој евентуално очекуваме да биде поставен тука, е и хибридниот од Panamera Turbo S E-Hybrid со моќност од 680 „коњи“, но се разбира кај Audi тој ќе носи ознаката e-tron.

Не очекуваме моделот да биде откриен пред идната пролет, но може се случи да блесне уште на автосалонот во Франкфурт, во септември.