old.avtoplus.mk

PSA треба да ги намалува трошоците и да прави SUV модели

Главниот извршен директор на PSA Group, Карлос Таварес, накратко го претстави концептот за надминување на падот на продажбата на нови автомобили во Кина. Новата формулата на концернот воопшто не е комплицирана - намалување на трошоците и лансирање на нови SUV модели.

- PSA мора да најде нов бизнис модел, за да реализира посериозни штедења при работата со добавувачите, во логистиктата и самото производство, изјави Таварес на автомобилскиот салон во Шангај. Изјавата на Таварес доаѓа како дополнување на анализите на кинескиот пазар, кои покажуваат дека масовните производители се ставени под сериозен притисок, бидејки се повеќе клиенти се насочуваат кон новите и подостапни модели на домашните производители, каде на чело се Geely, Guangzhou и Baojun. PSA произведува модели на Peugeot и Citroen во Кина заедно со еден од главните акционери - Dongfeng, а составувањето на премиум моделите на Citroen - DS се врши со друг партнер - Changan Automobile.

Во 2016 година кинескиот пазар на нови автомобили се зголеми за 15%, но се очекува дека во 2017 овој раст ќе се намали. Минатата година PSA забележа опаѓање од 16% на продажбата во регионот, а од почетокот на оваа година падот се засилува. За првите два месеци на 2017 падот достигна речиси 50%, а продажбата на Citroen е околу една третина помалу од онаа  која компанијата ја има реализирано за истиот период минатата година.

Тука улога игра и промената во вкусовите на локалните потрошувачи. Тие се повеќе ги оставија зад себе седан и хечбек моделите и се насочуваат кон кросоверите и SUV моделите.

- Веќе е задолжително да нудиме повеќе SUV модели во Кина, затоа започнуваме вистинска офанзива, објасни Таварес малку по премиерата на новиот кросовер C5 Aircross.