old.avtoplus.mk

Фетел го надмудри Мерцедесовиот двоец во Бахреин

Себастијан Фетел стигна до 44-тата победа во кариерата, по неверојатната битка со пилотите на Mercedes, на Гран при трката во Бахреин. Германецот ја примени сличната стратегија од првата трка сезонава, со рано користење на супермеките гуми со што успеа да ги издржи нападите на Хамилтон.

Втор беше Хамилтон, кој не успеа да го повтори успехот од Кина, а затаи и во квалификациите, зад својот тимски колега, Валтери Ботас, кому ова пак му беше првата пол позиција во кариерата. Британецот може да биде лут само на самиот на себе за пропуштената шанса да победи, бидејки одработи глупава казна од 5 секунди за намерно задржување на Даниел Рикиардо при првите застои во боксот. Трет заврши Валтери Ботас со другиот болид на сребрената стрела, кому во текот на трката му недостасуваше потребното темпо да се бори за победата. Раиконен со другиот болид на Скудерија остана четврти, а кон челната петорка се додаде Рикиардо.

Уште пред стартот од трката отпадна Штофел Вандоорн поради технички проблем со болидот. Пилотот на McLaren не успеа да стигне воопшто до стартната позиција. На стартот Ботас поведе, а Фетел тргна подобро од Хамилтон и излезе на второ место. Раиконен пак загуби позиции во однос Верстапен и Маса и се најде на седмата позиција. Фетел возеше стриктно зад Валтери и не му дозволуваше да се оддалечи. Во петиот круг Кими згреши на излез од последниот свиок, во обид да се доближи до Фелипе, но сепак успеа да се најде пред  Маса на крајот на стартно-целната рамнина. Во деветиот круг беше првиот инцидент, страдаше Магнусен од Хас. Фетел ја навеси својата стратегија и влезе во боксот за нови гуми суперсофт, круг подоцна, а Верстапен сметаше дека според него и во RedBull треба да го сторат истото. Во следниот круг Макс застана во боксот, но откако излезе на неколку секунди зад Фетел, веднаш потоа имаше дефект со сопирачките се изврте и се најде надвор од патеката.

Во 13-от круг поради несреќа на Ленс и Сајнц на првиот свиок на патеката излезе автомобилот за безбедност. Во тоа време и двајцата пилоти на Mercedes минаа низ боксот, а истото го направи и Рикиардо. При враќањето Ботас со суперсофт гуми се најде зад Фетел, кој поведе, а Даниел излезе на третата позиција пред Хамилтон. ФИА објави дека Луис ќе биде казнет, бидејки при влегувањето во боксот успори намерно кога зад него беше Рикардо. Автомобилот за безбедност се прибра во почетокот на 17-от круг. Ботас веднаш се обиде да го претекне Фетел од надворешната страна, но Германецот му ја „затвори вратата“. Хамилтон направи успешна маневар против Рикиардо и излезе на третата позиција. Пилотот на RedBull имаше проблеми со загревањето на гумите и брзо беше поминат уште од Маса и Раиконен.

Во 21-от круг стјуардите соопштија дека Хамилтон добива казна од 5 секунди поради задржувањето на Рикиардо. Тој се движеше блиску зад Ботас, додека Фетел почна да се одвојува напред. Во 24-от круг Раиконен го мина Маса и стана чeтврти. Во 27-от Хамилтон го претекна Ботас и тоа еше тактичка промена на позициите, бидејки Валтери беше побавен. Веднаш Луис ја намали предноста на Фетел на 5,8 сек. Рикардо пак се соочи со Маса и стигна до петтата позиција. Поназад во колоната Квјат, Палмер и Алонсо водеа лута битка за 10-тата позиција, па се престигнаа по неколку пати, што донесе голем број возбудувања. Фетел застана за нов сет гуми на крајот на 33-от круг. Тој стави меки гуми и се врати зад Хамилтон и Раиконен, но пред Рикиардо и Ботас. Осум круга подоцна и Хамилтон го направи последното запирање, и ја „одработе“ казната казната од 5 секунди. Тој, сепак изненадувачки стави меки, а не суперсофт гуми. Од тимот му рекоа дека според податоците меките гуми се подобар избор во однос суперсофт.
Formula One World Championship, Rd3, Bahrain Grand Prix, Race, Bahrain International Circuit, Sakhir, Bahrain, Sunday 6 April 2014.
Тој почна да прави одлична серија од најбрзи кругови и многу брзо го намали заостатокот од 10 секунди во однос на  Ботас и го претекна без отпор од страна на Финецот. Потоа продолжи да го брка и лидерот Фетел, ја намали разликата од над 12 на 6 секунди во финишот, но немаше шанса да го нападне. Така Фетел триумфираше по втор пат во сезоната и петти пат во својата кариера со Ferrari. По четвртото на Раиконен, Скудерија се најде и на прво место во шампионатот кај конструкторите.